Од скоро време, и кај нас, се појави изданието на Алнари од Србија на ремек делото Сјаење на мајсторот на хоророт Стивен Кинг. Конечно, би рекол. После 20 книги кои Алнари ги издадоа од Кинг, еве му ја можеби и најважната книга, барем по популарност. После оваа книга, тој станува вистински популарен. Популарност здобил уште со првата книга Кери, но со оваа книга тој станува вистински магнет за сите што сакаат да читаат SF и хорор, иако Кинг имаше излети и во други жанрови. На пример, многумина не знаат дека тој е автор и на бестселерите Бегство од Шошенк, Зелена Милја, Мизери, Долорес Клејборн, Срца во Атлантис итн.
Но, да се вратам на книгата. Преводот е на српски секако. На македонски ја нема и ќе ја нема. После неуспешниот обид да се преведе Cell (Мобилен), чиј превод е многу лош, никој изгледа тука кај нас не се најде храбар да преведува книга од Кинг. Истото важи и за некои SF автори како Артур Кларк и Исак Асимов. Но, тоа не пречи секако, барем според мене. Тие што си го купуваа Кинг досега, ќе го купуваат и понатака.
Интересна информација е дека Кинг ја напишал книгата на скоро исто место како и локацијата во книгата. Кинг го напуштил домот, заминал со својата фамилија на планина, во еден хотел-одмаралиште, паднал снег, и така се започнало. Добил идеја да пишува. Интересно е и тоа дека тоа е единствениот пат Кинг да го напушти родниот Мејн (го има во скоро 90 посто од неговите книги). Сите други книги, тој ги напишал дома на својата машина, а последниве неколку книги (конечно) ги креирал на лап-топот. Кинг е тип на писател, кој никогаш не сакал да се движи во елитата, во т.н. шема. Можеби тука лежи и тајната на неговиот успех. Секоја книга му е посебна и одлично оценета од критиката и фановите. 90 посто од неговите дела се филмски адаптирани, а тој присуствува скоро на секое снимање на тие филмови, а во скоро секој филм или серија по негово дело се појавува на кратко, па макар и на неколку секунди.
По романот The Shining е снимен филм во режија на големиот Стенли Кјубрик со Џек Николсон. Според мене, тоа е можеби најдобриот хорор филм воопшто снимен. Но, Кинг не бил многу задоволен од продуктот на Кјубрик. Поради тоа, тој бил упорен со филмските студија да се сними нов филм или серија, со цел да се прикажат сите работи од книгата, кои биле пропуштени во филмот. Така е снимена и серија, која патем е одлична.
Интересно е и дека Кинг оваа година ќе пишува продолжение на The Shining. Имено, тој на својот сајт ги прашал своите фанови дали сакаат нов дел од The Dark Tower или втор дел на The Shining. После еден месец, резултатите покажале на The Shining.
Еве уште некои новини за сите фанови на Кинг:
Наскоро, поточно во Јануари 2012 излегува во печат неговата нова книга Mile 81, која се надевам дека ќе биде преведена од страна на Алнари.
The Dark Tower ќе го режира Ron Howard, кој стои зад неколку ремек дела, како на пример Beautiful Mind, a главниот лик Роланд ќе го глуми Javier Bardem. Одлична екипа, би рекол. Ќе се снимаат два или три филма, а и серија во неколку продолженија. Иначе, книгата е поделена на 7 дела и има 3500 страни. Кој не ја прочитал, му ја препорачувам, тоа е вистинско ремек дело и е најважното дело на Кинг, кое го пишувал цел свој живот. Во книгата има ликови од многу негови романи, така да тука сите се среќаваат на еден многу интересен начин. Плус и самиот Кинг си се ставил како лик. Снимањето на серијалот ќе започне во 2012.
Пред неколку дена излезе и мини серијата или ТВ филмот Bag of Bones, според истоимената книга. Книгата е одлична, а се надевам дека и серијата е добра. Во главната улога е Pierce Brosnan, кој го толкува ликот на Мајкл Нунан. Серијалот трае 4 часа.
И за на крај, би додал дека во нашиот град, може да се најдат и некои други нови романи од Кинг во издание на Алнари. И тоа, The Stand, која е поделена на три дела, како и неговиот последен роман Under The Dome (Под Куполата) од 2009, и тоа со тврда корица, што е одлично.
Чекаме на Carrie, првиот роман на Кинг, која ќе биде издадена од Алнари на пролет. Дотогаш, The Shining!
